Трагична глетка од Шар Планина, изгореа 170 ha висококвалитетна шума

Од Националниот парк Шар Планина излегоа со соопштение каде велат дека пожарот што беснееше на планината бил на крајно непристапен терен. Од таму додаваат дека во овој пожар изгореле 170 ha, од кое под државна шума околу 20 ha, зафатена со приземен пожар на 30 % од површината, околу 70 ha приватно земјоделско земјиште и мали парцели под приватни шуми, а остатокот е високопланинско пасиште, сопственост на Македонија. При интервенцијата било забележано волк, дива свиња и еребица камењарка како бегаат од огнот и мечка која исплашено се криела во пештер.

„Минатата година имаме евидентирано 12 пожари. Од почетокот на оваа година до сега, веќе имаме 10 пожари. Овие бројќи укажуваат на два проблема, и тоа промената на климата но и однесувањето на луѓето. Пожари имало и ќе има но во променети временски услови треба да ги адаптираме практиките на живеење. Пролетното и есенското чистење на отпадоците и палењето на пасиштата во услови на сува вегетација поради благите зими и намалени количества врнежи имаат катастрофални последици и за луѓето и за природата. Цената по човечкиот живот и загубата на природата и биодиверзитетот немаат вредност. Во вчерашниот пожар жителите на Вешала изгубија вредни приватни имоти, прекрасна букова шума, поподложни се на поројни поплави и ерозивни процеси, изгубија и вредни собиралишта на смреки и боровинки“ се вели во соопштението

Од НП Шар Планина посочуваат дека иако постојат казни ваквите кривични дела се многу тешки за докажување. Затоа нивниот план во иднина е засилување на контролите на движење и насочување кон превенцијата преку едукација и информирање на населението.

„Во справувањето со пожарите, вклучително и со овој, излегоа на површина недостатоците на системот, а вчера додека работевме се прашувавме зошто покрај гаснењето на пожар во шумата гасневме и на високо планински пасишта со кои управува Јавното Претпријатие за стопанисување со пасишта. Низ годините назад се потврдува фактот што најчесто пожарите почнуваат од пасиштата, оние за кои ние треба да се грижиме и да ги чуваме, додека ги стопанисува друга институција, без никаков финансиски надомест, а ниту пак ги евидентира овие штети. Скоро половина од територијата на националниот парк се наоѓа под пасишта, а голем дел од овие површини се во зоната на строга заштита. Според Законот за заштита на природата во оваа зона Јавната установа која управува со националниот парк треба да има потполна контрола и увид на сите активности. Решавањето на оваа апсурдна ситуација е нашиот следен предизвик“ велат од НП Шар Планина