Тошковски се огласи по повод апсењето на новинарот Фуркан Салиу

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски синоќа се огласи на социјалните мрежи по апсењето на новинарот Фуркан Салиу.

И тој е на иста линија како и прес-службата на институцијата и вели дека причината за апсењето е напад врз припадник на ЕБР, но и тој потврди дека во возилото на Салиу е пронајден пиштол.

- Во однос на приведувањето на лицето Ф.С. од Скопје ја информирам јавноста дека истото е последица на извршен напад на полициски службеници, припадници на Единицата за брзо распоредување кои биле ангажирани за одржување на јавен ред и мир на фудбалски натпревар кој бил оценет како натпревар со безбедносен ризик, а кои во моментот на напад од наведеното лице интервенирале бидејќи дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи. По приведувањето на лицето Ф.С. извршен е преглед на автомобил во негова сопственост и во истиот е пронајден пиштол. Од страна на полициски службеници истиот е приведен во полициска станица каде ќе биде извршен разговор и ќе бидат преземени сите потребни мерки и активности за целосно расчистување и документирање на настанот, вели Тошковски.

Меѓутоа побара од политичките партии, здруженијата и синдикатите да не вршат притисок кон полицијата и нивните службеници и се ќе биде познато откако ќе заврши истрагата.

- Сакам да истакнам дека ја разбирам загриженоста на Здружението на новинари и Синдикатот на новинарите, но МВР мора да постапува еднакво кон секој кој ќе нападне полициски службеник, согласно утврдените законски процедури. Како министер досега покажав дека се залагам за транспарентност и отчетност за работењето на МВР и така ќе остане, но законите во државата мора да важат за сите подеднакво. Во тој контекст ги повикувам политичките партии, здруженија, синдикати и сите други релевантни фактори да се воздржат од давање изјави и соопштенија со кои се врши притисок кон полицијата и да остават полициските службеници професионално да си ја завршат својата работа, без политика и исклучиво во согласност со Законот. Јавноста ќе биде целосно информирана за сите детали поврзани со овој случај веднаш по завршувањето на истрагата, вели Тошковски.