Тошковски: Приведени се две лица за убиството на докторот од Железара, се вршат претреси

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вчерашното гостувањето на поткастот „Претрес“ изјави дека се уапсени две лица во врска со убиството на матичниот доктор од Железара, Ацо Трпковски. Тој притоа напомена дека за овој предмет СВР Скопје вложиле големи напори.

„Во овој предмет се преземени над 20 истражни дејствија по наредба на јавен обвинител. Разгледани се преку 50-тина видео записи. Во овој момент се постапува по наредба се врши претрес, имаме осомничени лица за настанот. Има материјални траги кои водат до осомничените, а приведени се две лица“, нагласи Тошковски.

Министерот истакна дека, според информациите со кои во моментов располага, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на жртвата.

Како што е познато, матичниот лекар бил пронајден во својот паркиран автомобил „Киа“ пред поликлиниката, доцна во ноќта од неговите двајца синови, кои почнале да го бараат, откако неколку часа го немало да се врати од работа.