Тошковски: Околу 105 илјади граѓани чекаат да добијат пасоши

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за Канал5 телевизија повторно ги повика пратениците од СДСМ и од ДУИ да го изгласаат Законот за патни исправи, а луѓето од другите „фели“, како што нагласи, да не се мешаат во правото затоа што овде нема „фаул“ освен што има мака за граѓаните.

- “Нека го сменат законот, барам 10 месеци, барам разумност. Само ние го кршиме меѓународно право моментално, само Македонија и Грција“, рече Тошковски.

Според него, фотографирани граѓани кои не добиле патна исправа се околу 105 илјади, како што рече, тие кои се фотографирани заклучно со денеска, би ги добиле пасошите ако оди динамиката како што треба, ќе ги добијат максимум за месец и половина. Во овој момент, Тошковски информира, на активниот телефонски број за закажување за вадење нови лични документи има 75.000 нови закажувања за фотографирање. Додава и дека во текот на изминатите денови се направени презакажувања за дополнителни 56 000 лица кои претходно имале закажано термин за фотографирање за во јуни, јули или август.

Во однос на проблемот со патните исправи, како што наведе, за здравствени случаи, „за не дај Боже случаи“ каде има потреба од итност, луѓето можат да исконтактираат со неговиот и со кабинетите на дополнителниот заменик министер или на заменикот. Со соодветна комуникација за тие луѓе секогаш ќе се обезбеди пасош и затоа секогаш оставаме одредена бројка од илјада или две илјади зависи од тоа колку обрасци имаме, наведе Тошковски.