Стефковски: Инклузијата на деца Роми во градинките е приоритет за општина Гази Баба

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски, утрово беше дел од настанот на Министерството за труд и социјална политика на кој се потпишаа трипартитни договори за реализација на проектот "Инклузија на деца Роми во јавните општински установи - детски градинки".

- Инклузијата на децата Роми во детските градинки е важна во создавањето на еднакви услови за воспитување на сите деца. Како градоначалник давам силна поддршка на проектот "Инклузија на деца Роми во јавните општински установи - детски градинки" за што денес го потпишав трипартитниот договор помеѓу општина Гази Баба, ЈУДГ 25 Мај и Министерството за труд и социјална политика, порача Стефковски додавајќи дека еден до неговите приоритети е обезбедување услови за еднаков пристап и инклузија на сите деца во воспитно-образовниот процес без разлика на полот, етничката припадност и социјалната положба.

- Не смееме да заборавиме дека инклузивноста како определба произлегува од суштината на Конвенцијата за правата на детето во која јасно стои дека секое дете треба да добие еднакви шанси во развојот и можноста да биде рамноправен член на заедницата во која живее. Со овој проект општина Гази Баба обезбедува изведување на воспитна и згрижувачка дејност на дечиња Роми во ЈУДГ 25 Мај. Партнери на општина Гази Баба во реализацијата на проектот оваа година се УНИЦЕФ и Советот на Европа. Создаваме општина, еднаква за сите! - порача градоначалникот Стефковски.