Стефковски: 2023 година е историски најуспешна година за општина Гази Баба

Советот на општина Гази Баба на денешната редовна седница ја усвои годишната сметка на буџетот на општина Гази Баба за 2023 година и извештаите за реализација на буџетот.

За седницата, градоначалникот Стефковски информираше на својата официјална страна на фејсбук на која напиша:

- 2023 година е историски најуспешна година за општина Гази Баба. Со посебно задоволство сакам да истакнам дека зад нас оставаме успешна година, а за тоа говорат и бројките. Приходите на буџетот за 2023 година бележат остварување во вкупен износ од 1.358.412.902 денари или 88,94% во однос на вкупните планирани приходи. Комплетната реализација на буџетот во својата расходна страна изнесува 77,80%. Ако направиме споредба со последните четири години, односно од 2018та до 2022 година, оваа година општината бележи најдобра реализација на буџетот, порача Стефковски. 

Тој додаде дека бројките сами по себе говорат за работата.

- Место за непродуктивни трошоци во моето работење како градоначалник нема. Во периодот од 2018 до 2021 година за репрезентација се потрошени 1.754.848 денари од буџетот на општината, а во 2022 и 2023 година се потрошени НУЛА денари. Јас како градоначалник за разлика од сите пред мене, не се возам во служена кола и не користам средства од буџетот за нафта. Така е и така ќе биде, се додека јас сум градоначалник на општина Гази Баба, напиша Стефковски