Денеска попладне ќе биде погребан претседателот на Сојузот на Синдикатите на Македонија Дарко Димовски кој почина викендов.
Како што вчера информираа од ССМ Димовски починал по кратко боледување
- Колегите, соработниците и работниците ќе го паметат како голем борец за работничките права кој остави длабок белег во синдикалното и работничкото движење на Македонија.Од името на Сојузот на синдикатите на Македонија, изразуваме длабоко сочуство на неговото семејство, порачаа од ССМ.
Од Димовски се простија и премиерот Кoвачевски, како и голем број колеги, соработници и функционери.
- Неговата посветеност на борбата за правата на работниците беше исклучителна, а неговата вклученост во синдикалното и работничкото движење остави неизбришлива трага која и понатаму ќе е пример за посветена и успешна работа, напиша премиерот Ковачевски.
- Многу улици беа затворени, а таму бевме заедно! Веројатно таму некаде на некоја раскрсница некогаш ќе се сретнеме! Беше искрен и доследен борец. За новинарите достапен 24/7. Кога и да те побараше човек знаеше одма да кажеш: Знам за што ме бараш, ќе средиме, дојди кафето да го испијаме и ќе се снимаме! Умееше да се справиш со дадена ситуација,знаеше да ја спуштиш топката кога ќе влеговме во вербална дискусија по одредено прашање, се сеќава новинарот Сунаи Сабриоски.
- Борбата за работничките права во земјава имаше име и се викаше Дарко Димовски. Дарко не беше мирен кога капиталот или државата, сеедно, сакаа да ги кршат, да не ги почитуваат, да ги заобиколуваат... Заминувањето на Дарко е голема загуба за Синдикатот, за работниците, за целото општество... Почивај во мир голем човек, напиша новинарката Нина Нинеска Фиданоска.