Соработниците се простуваат од Дарко: Беше голем човек, синоним за борбата за работничките права

Денеска попладне ќе биде погребан претседателот на Сојузот на Синдикатите на Македонија Дарко Димовски кој почина викендов. 

Како што вчера информираа од ССМ Димовски починал по кратко боледување 

- Колегите, соработниците и работниците ќе го паметат како голем борец за работничките права кој остави длабок белег во синдикалното и работничкото движење на Македонија.Од името на Сојузот на синдикатите на Македонија, изразуваме длабоко сочуство на неговото семејство, порачаа од ССМ. 

Од Димовски се простија и премиерот Кoвачевски, како и голем број колеги, соработници и функционери. 

- Неговата посветеност на борбата за правата на работниците беше исклучителна, а неговата вклученост во синдикалното и работничкото движење остави неизбришлива трага која и понатаму ќе е пример за посветена и успешна работа, напиша премиерот Ковачевски. 

- Многу улици беа затворени, а таму бевме заедно! Веројатно таму некаде на некоја раскрсница некогаш ќе се сретнеме! Беше искрен и доследен борец. За новинарите достапен 24/7. Кога и да те побараше човек знаеше одма да кажеш: Знам за што ме бараш, ќе средиме, дојди кафето да го испијаме и ќе се снимаме! Умееше да се справиш со дадена ситуација,знаеше да ја спуштиш топката кога ќе влеговме во вербална дискусија по одредено прашање, се сеќава новинарот Сунаи Сабриоски. 

- Борбата за работничките права во земјава имаше име и се викаше Дарко Димовски. Дарко не беше мирен кога капиталот или државата, сеедно, сакаа да ги кршат, да не ги почитуваат, да ги заобиколуваат... Заминувањето на Дарко е голема загуба за Синдикатот, за работниците, за целото општество... Почивај во мир голем човек, напиша новинарката Нина Нинеска Фиданоска.