Случај „Жан Митрев“: Измама и профитерство со ковид пациенти или грижа за здравјето на граѓаните?

Пандемијата на ковид-19 се појави во кинескиот град Вухан во декември 2019 година, по што целиот свет живееше во карантини, страв и паника повеќе од две години. Во Македонија првиот пациент со коронавирус беше регистриран во февруари 2020 година, по што бројката почна драстично да се зголемува од почетокот на март.

Кон крајот на јули бројот на заболени од ковид-19 во Македонија достигна 10.000 пациенти, а државните установи донесоа голем број мерки за превенција за ширењето на вирусот на 10 март, меѓу кои и прогласување кризна состојба и карантин.

На 16 јуни 2020 година три приватни болници, меѓу кои и „Жан Митрев“ укажаа дека имаат протоколи за изолација и таму може да се лекуваат пациентите со ковид-19, а тоа го потврди и тогашниот министер за здравство Венко Филипче.

Овие болници ги третираа пациентите и помогнаа во ослободување на притисокот во болницата „8 септември“, каде што вообичаено се префрлаа овие пациенти, а академик д-р Жан Митрев на 20 ноември кажа дека тој и неговиот тим се ставаат на располагање за помош бидејќи ситуацијата со коронавирусот стана сериозна.

Цените за лекување од ковид-19 во „Жан Митрев“ на почетокот беа околу 12.000 евра, но во април 2022 година клиничката болница реши да ги намали двојно, односно околу 6.000 евра, по што како „гром од ведро небо“ се појави документарецот „Нечиста крв“ на ИРЛ, кој ги шокираше граѓаните.

Македонската јавност остана во шок од деталите кои беа споделени во јавноста за една од најскапите, најлускузните и рнеомирани клиники во земјава. Истражувањето на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) го следеше патот и методологијата на функционирањето на еден од најскапо платените доктори во државата. Дали методот на хемофилтрација кој во клиниката „Жан Митрев“ се наплаќал од три до пет илјади евра бил одобрен за ковид-лекување и други контроверзни теми поврзани со сопственикот на клиниката.

Веднаш потоа Обвинителството оформи предмет по сторијата на ИРЛ дека скапото лекување од ковид-19 во клиниката Жан Митрев било непријавена клиничка студија, односно наспроти домашните законодавство, клиничките студии не биле пријавени и одобрени од МАЛМЕД.

Во научните трудови објавени врз основа на клиничките студии во „Жан Митрев“, пишува и дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето, а тоа го тврдеа и дел од роднините на починатите пациенти во болницата, додека според Центарот за јавно здравје – Скопје, клиниката не пријавила такво нешто, иако по закон треба да го извести државниот орган.

По сите обвинувања во јавноста кон болницата „Жан Митрев“, следеше и јавен демант од клиниката за случувањата со пациентите за време на пандемијата.

-Клиничката болница „Жан Митрев“ успешно работи за добробит на граѓаните веќе 22 години, нудејќи им услуги сертифицирани по светски стандарди, професионална грижa во насока на подобрување на здравјето, што е докажано во безброј успешни случаи. Ваквиот пристап продолжи да се применува и во текот на светската пандемија предизвикана од страна на вирусот КОВИД-19, во кој период клиниката со многу труд, волја и неизмерно себевложување од своите вработени придонесе за спасување на огромен број човечки животи. Навистина сме згрозени од тенденциозниот говор на омраза употребен кон нашата институција, како и од неточните наводи, односно од фабрикуваните информации кои единствено се насочени кон креирање на лажна слика во пошироката јавност за работата на Клиничката болница Жан Митрев, соопштија од болницата во јули минатата година.

По објавените детали во јавноста, поранешниот министер за здравство, Беким Сали кажа дека се иницирани вонредни инспекциски надзори во „Жан Митрев“, а исто така од болницата во текот на следните денови ја доставиле бараната документација до инспекциските служби.

-Ние добивме материјали од „Жан Митрев“, беа кооперативни и ни ги доставија сите побарани материјали. Се работи за 560 ковид-пациенти кои биле третирани со хемофилтрација. Ќе ни треба време за анализа на тие 560 досиеја коишто се обемни. Да бидеме реални 560 предмети ќе ни одземат доволно време за ние на јавноста на крај да ѝ дадеме конечен прецизен извештај што се случувало во Жан Митрев, кажа министерот за здравство на крајот на јули минатата година.

На 12 август 2022 година на распит во Основното јавно обвинителство (ОЈО) - Скопје беше повикан докторот Жан Митрев за определените околности поврзани со предметот оформен по допрен глас во ОЈО Скопје на 18 јули минатата година.

„Осомничениот, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД 19 со методот на хемофилтрација“, соопштија тогаш од Јавното обвинителство.

Паралелно додека траеше истрагата во Обвинителството за случајот со Клиничката болница „Жан Митрев“, неколку пациенти кои тврдат дека успешно биле излечени со методот на хемофилтрација од Ковид-19, раскажаа за своите искуства со оваа болница.

Тие кажаа дека се организирале самоиницијативно и дека не им бил понуден надомест за да го раскажат нивното искуство. Поранешните пациенти раскажаа дека биле во животна опасност, но третманот во Клиниката и хемофилтрацијата им помогнале повторно да застанат на нозе и да го победат опасниот вирус.

Докторот Жан Митрев на 5 октомври 2022 година даде гаранција од еден милион евра во кеш во Основниот Кривичен суд во Скопје дека нема да избега од Македонија, по што од Обвинителството беше најавено дека истрагата ќе заврши за околу три месеци и ќе бидат познати следните чекори против болницата „Жан Митрев“.

Во меѓувреме, докторот Жан Митрев ги критикуваше сите кои го обвинуваат за профитерство во ек на пандемија на опасен вирус и притоа побара странските амбасади активно да го следат процесот на ОЈО против него.

Основното јавно обвинителство – Скопје на 10 јануари 2023 година поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик. А за ова кривично дело „измама“ предвидената казна затвор е од една до 10 години.

Од ОЈО информираа дека биле конктактирни сите за кои имале информации дека се лекувале со овој метод и дека 283 луѓе се пријавиле со оштетно побарување, кои рекле дека се чувствуваат измамени и се приклучиле, но и дека имало и такви кои не сакале и рекле дека не сите се чувствуваат за оштетени.

Во текот на постапката, како што информирааа од ОЈО Скопје, јавниот обвинител обезбедил докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Ковид – 19, кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари или 1,57 милиони евра.

Обвинетиот на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од Ковид – 19, притоа користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата. На овој начин обвинетиот кај секој од оштетените создал лажна претстава и заблуда, па најголем дел од нив при приемот на конкретен пациент во болницата, однапред уплаќале средства за по два циклуси на хемофилтрација како дел од болнички пакети, без да им биде објаснет овoj метод и потенцијалните ризици од него и без да се прибави соодветна согласност за примената на таква процедура кај пациентите, што е спротивно на условите утврдени во овластувањето и на здравствените прописи и стандарди.​

На 13 февруари годинава Советот за оценка на обвинителниот акт го одобри во целост обвинението против кардиохирургот, доктор Жан Митрев и неговата приватна болница, по што првото судско рочиште беше закажано за 28 февруари.

Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Судското рочиште за кардиохирургот Жан Митрев беше одложено за 5 април, на барање на одбраната, поради потребата од докомплетирање на правниот тим, па на почетокот на идниот месец се очекува конечен почеток на судењето против докторот и приватната болница „Жан Митрев“ за лекувањето на болните од ковид-19 за време на пандемијата во Македонија.