Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана ќе биде гостин на сцената на Национална опера и балет

 

На 28 мај со почеток во 20.00 часот, во рамките на престижниот фестивал 52. „Мајски оперски вечери“, на сцената на Националната опера и балет ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана со камерната опера „Свадба“ од Ана Соколовиќ.

„Свадба“ е камерна опера на српски јазик за шест женски гласови, а дејството на операта се случува вечерта пред свадбата на Милица, млада девојка која со другарките го слави заминувањето во брачниот дом. Премиерната изведба беше прикажана во 2011 година во Торонто, а оттогаш редовно се изведува на многу светски сцени ширум светот.

Музиката и либретото се напишани од Ана Соколовиќ, српска композиторка која живее во Канада, диригент е Јелена Шасник, режијата е на Андреј Јус, додека пак сценографијата и костимографијата е на Јаро Јеше и Маја Сотошек.

Во главни улоги настапуваат: Штефица Грасели (сопран), Тереза Плут, (сопран), Катја Конвалинка, (сопран), Ирена Јебуах Тиран, (мецосопран), Барбара Јернејчиќ, (мецосопран) и Ања Земљариќ, (мецосопран).