Скопско Кучково пошумено со 2.000 млади садници

Градоначалникот на скопско Ѓорче Александар Стојкоски со својот тим и заедно со 130 вработени од компанијата „Џонсон Мети“ денеска во околина на локацијата „Крст“ засадија 2.000 нови млади садници кои на долг рок значително ќе допринесат за чист воздух на ова туристичко место.

Освен тоа, новите садници значат и одлична сенка во летните денови под која ќе уживаат посетителите на Кучково.

- Голема благодарност до компанијата Џонсон Мети за соработката и за тоа што уште еднаш покажа општествена одговорност кон заштитата на животната средина, што е од особен интерес за сите нас. Реализираме нова голема акција за зазеленување на с.Кучково! Заложбите на Општина Ѓорче Петров за зелена и чиста еколошка средина се остваруваат плански, и согласно временските услови. Го подобруваме еколошкиот статус на локалниот еко-осистем и делуваме како пример во заедничкото „креирање на зеленилото“, порача Стојкоски. 

Засадени беа црн бор, бел бор, аризонски чемпрес и даб.

- По засадувањето на дрвцата, заедно продолживме во уште една акција, собирање отпад од истата локација. Ова е наш симболичен придонес како граѓани кон сочувување на екологијата. Во оваа насока, би сакал да апелирам до сите кои го посетуваат Кучково да внимаваат на хигиената и да ја користат правилно урбаната опрема, порача првиот човек на општината. 

Ова е втора акција за засадување садници на иницијатива на компанијата „Џонсон Мети“ што се реализира заедно с о локалната самоуправа. Неодамна засадивме 150 парковни дрва на две локации во Ѓорче Петров, односно на Кејот на реката Вардар и во дворот на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“.