Скопје им е убав кога е празен, камо среќа ние да можевме така да кажеме - Вирален став на девојка од внатрешноста

Празни улици и булевари во Скопје среде лето. Очигледно многумина ги користат последните викенди од август да заминат некаде подалеку од жешкиот асфалт. А овој „феномен празно Скопје“ на многумина им е омилен. Оние кои останале велат дека градот е растеретен и е многу поопуштен без толку многу луѓе. 

Фејсбук статус на девојка од внатрешноста на земјава со интересна „опсервација' за празните градови во земјава. Скопје наспороти другите празни градови во Македонија!

Нејзиниот став ви го пренесуваме во целост: 

- Интересно е тоа како го доживуваат „празниот град“ скопјани, а како оние од внатрешноста. Јас сум од овие вторите, па ќе кажам од таа гледна точка.

Ги слушам скопјани како коментираат дека убаво им е Скопје кога е празен. Бидејќи секојдневно е лут, брз, преполн, бучен. Камо ние од внатрешноста да можевме да кажеме така. Нашите градови одамна се празни, болно празни. Ние одвај чекаме да се наполнат... Чинам, луѓето од големите градови не ја знаат таа болка, на празните улици. Со празно Скопје вие се одморате, ние со нашите празни улици полека тонеме во солзи.

Не било отсекогаш така и не сме ги испразниле улиците од бес, затоа што сакаме да станеме скопјани, Германци, Американци. Никој не бега од убаво. Дури ни полните улици во малиот град никогаш не се лоши. Колку и да брзаш, ќе стигнеш секогаш навреме. Мојот град сакам да го помнам кога беше полн со луѓе од сите возрасти, кога се бараше маса и столче плус, кога ги сретнуваш сите што ги знаеш, кога сакаш да излезеш затоа што знаеш дека сите се тука.

Камо да знаев како им е на скопјани кога велат дека се радуваат на нивниот празен град, ние од внатрешноста не знаеме како е да се радуваш на тоа.

Нам пустите улици ни ја прават и душата пуста.

Можеби токму ние сме тие што го празниме Скопјето, ама верувајте дека никогаш немаше тоа да го направиме ако имавме за што да останеме дома