Скопје го одбележува денот на ослободувањето од фашизмот

Со повеќе културни, хуманитарни манифестации денеска ќе биде одбележан 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

По тој повод, градоначалникот Петре Шилегов ќе се сретне со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.

Потоа, делегација на Собранието на Република Македонија и на Град Скопје ќе положи цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на Градските гробишта „Бутел“.

Во 12:30 часот, пред Споменикот на ослободителите на Скопје, на платото пред Владата, државни делегации, борци од НОВ, претставници од Армијата на Република Македонија, од општините на Град Скопје, членови на други институции, како и официјалната делегација од Град Скопје ќе положат цвеќиња.

Традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на Град Скопје ќе се одржува денеска од 9 до 17 часот во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.

Во Детдкиот културен центар Карпош ќе се одржи манифестацијата „Го градам мојот град“, манифестација посветена на предучилишните установи, додека во книжарницата „Литература“ ќе биде промовирана монографијата „Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ од Ерина Богоева.

Во Македонската филхармонија во 20 часот ќе биде свеченото доделување на наградите „13 Ноември“  и концерт на Македонската филхармонија.

Во МКЦ во рамки на Синдејес е „The Mauskovic Dance Band“. Влезот е слободен.

Кои се добитниците на наградите „13 Ноември“

Од областа науката добитник е Маргарита Цаца Николовска, судија, за придонес во унапредување, промоција и заштита на човековите права и слободи, развој на демократијата и владеење на правото, од образованието и воспитанието Аџи Фида, професор во пензија, од областа на спортот Андреј Стојановски, пливач, за остварување врвни резултати во пливачкиот спорт во категоријата за лица со посебни потреби, од областа на културата добитници се Марко Коловски, музиколог и Ресул Шабани писател и книжевен преведувач, за превод на Антологиите „Поети академици“ и „Поети и раскажувачи академици“, од областа на уметноста Рамадан Шукри, академски музичар, за придонес во областа на уметноста, културата, образованието и воспитанието, од областа на публицистиката Сефер Тахири, новинар, за 20-годишен придонес во развојот на новинарството и публицистиката и од областа на архитектурата Даница Павловска- Циги, архитект, за долгогодишна посветеност за зачувување на автентичноста и вредностите на градот Скопје во сферата на планирање и управување со просторот.