Штрајкуваат вработените во ЈП „Национални шуми“, немаат земено плата за јануари и февруари

По еднонеделен мирен предупредувачки протест околу 2 000 вработени во 30-тина подружници на Национални шуми во земјава од денеска стапија во штрајк со барање до раководниот тим на Јавното претпријатие да ја исплати јануарската, како и феврурската плата за која рокот е до 15- ти март, како и исплата на сите додатоци од работа.

“Неиздржливо е во услови на криза и зголемување на трошоците за живот, луѓето кои секојдневно работат да не добиваат плата. Очекуваме раководството да се вразуми и да се одважи и да им исплати плата на вработените, а во спротивно штрајкот ќе продолжи и во наредните денови, се’ до исполнување на барањата, потенцира Трендафилов.

Барањето на вработените не се однесува само на платите туку и на теренските додатоци кои не се исплаќаат со месеци но и другите додатоци утврдени со колективен договор. Трендафилов на раководниот тим на ЈП Национални шуми му порача дека е поразително што не може да исплати плата, а доколку тоа не можат да го направат си поднесат оставка.

“ Раководството секогаш има изговори, чекале  да добијат финансиска инекција од Владата. Но кога ќе ве постават да бидете менаџер  на едно јавно претпријатие и треба да  раководите со околу 2000 луѓе, вие треба да водите сметка дека редовно треба да им исплатите плата“, рече Трендафилов.

Тој информира дека последната декемвриска плата била исплатена помалку линеарно за 6.800 денари на сите вработени. Воедно обвини дека во услови кога не е исплатена плата раководниот тим пред неколку дена  објавил тендер за набавка на нови службени возила, а од почетокот на годинава имало 450 нови вработувања.

Зоран Игновски претседател на синдикатот на велешката Подружница „Бабуна“, информира дека и покрај штрајкот денеска  на работа од 7 до 15 часот се сите 58 вработени, но не ги извршуваат работните задачи. Од синдикатот велат дека просечната плата во ЈП Национални шуми е 22, 24 и најмногу до 25 илјади денари, што е поразително за вработените.