Што се случува во Левица? Истакнати членови разочарано ја напуштаат партијата

Откако советникот на Левица, Дарко Масларковски јавно на социјалните мрежи објави дека ја напушта неговата политичката партија и ќе делува во советот на Аеродром како независен советник јавноста дозна за кризата која ја тресе оваа политичка партија некое време. Главните причини се погрешните политики и клиентелизмот на раководството.

Она што се дозна деновиве е дека и претседателот на советот на општина Карпош, Бранко Ристов е суспендиран од партијата и е разрешен од сите партиски функции и не е повеќе член на највисокото раководство. Вчера беше објавен неговиот мејл испратен до највиското раководство на Левица во кое тој наведува дека се повлекува од сите функции што ги има во партијата.

- “Давам оставка од сите внатрепартиски функции. Функционирањето на партијата преку бркање ПР пред политика, наместо обратно, и внатрепартиската кадровска структура ме донесе до заклучокот дека политичките цели на партијата на која посветив 8 години се најверојатно неостварливи. Оттаму не би сакал да посветам уште 8 за да ми се потврди мојот страв со што би пропуштил неповратно време кое би можел да го посветам на најблиските“напишал Ристов во мејлот

Тој додава дека за раскол не би сакал да збори зошто партијата е веќе во раскол повеќе од една година.

Од она што досега се знае е дека минатата недела се повлече и носителот на листата во Гази Баба, Дарко Стојановски, кој беше член на Централниот комитет. Претходно и советникот Орде Маневски од Гази Баба си поднесе оставка, во екот на внатрепартиската криза.

Советникот во град Скоје, Александар Николовски, исто така ја напушти советничката група на Левица во Советот на град Скопје.

Пред еден месец разрешен беше и Методија Костоски од локалниот огранок во Прилеп кој беше приморан да си даде оставка и од советничкото место. Претходно, оставки си поднесоа и модераторите на Прилеп, Кичево, Дојран, Ново Село, Карпош, Илинден, Аеродром…

Изминатите неколку месеци повеќе модератори на локални ограноци си поднесоа оставки а во повеќе ограноци има кризи. Распаднати ограноци се Штип, Кочани, Куманово, Прилеп, Охрид, Тетово, Гостивар, Кичево, Кисела Вода, Илинден, Гази Баба, Бутел, Ѓорче Петров, Карпош, Центар…

Незадоволството произлезе поради кадровските политики на президиумот и вметнувањето на непознати членови на високи функции кои имаат сомнително минато“, објавува МакПрес повикувајќи се на реакцијата на разочараните членови од Левица.