Шилегов: Гинекологија Чаир ќе биде затворена ако во рок од 30 дена не го промени начинот на греење

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов најави дека за 30 дена ќе се затвори Гинеколошката болница во Чаир ако не престане да се грее на мазут. Реакцијата следува откако вчера на социјалните мрежи се рашири видео снимка каде што се гледа како црн чад излегува од оџаците на болницата.

„Инпекторатот на Град Скопје два пати направи контроли во болницата и беше констатирано дека со начинот на греење се загадува воздухот. Денеска повторно е упатен инспекторот како последна опомена до болницата и до Министерството за здравство да си го променат котелот. Доколку не постапат на тој начин, болницата ќе биде затворена од страна на Градот. Не сакаме да предизвикаме некаква криза, меѓутоа мора конечно секој да си одговори на сопствените обврски. Ако тој котел загадува, а загадува бидејќи два пати е веќе констатирано, мора да се интервенира. Дописот денеска покрај до директорот на болницата ќе го испратиме и до министерот за здравство Венко Филипче. Очекувам дека во рокот од 30 дена ќе реагираат“, рече Шилегов.