Северна Македонија годинава инвестира 327 милиони евра во одбраната, рече Петровска во Брисел на состанокот на НАТО

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска во Брисел учествуваше на состаноците на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво министри за одбрана, каде во две сесии се разговараше за трансатлантското единство, плановите за одбрана и одвраќање, зголемените инвестиции во одбраната и сојузничката поддршка за Украина.

„Северна Македонија е една од 18-те сојузнички земји кои го исполнија заеднички договорениот критериум за инвестирање на најмалку 2 oтсто од бруто-домашниот производ за одбраната. Оваа година 2,05 отсто од македонскиот бруто-домашен производ или 327 милиони евра ќе бидат инвестирани во одбраната, а од нив речиси една третина се наменети за модернизација и опремување со што се исполнува и вториот НАТО критериум“, истакна министерката на состанокот.

Македонската армија, рече Петровска, минува низ значаен процес на модернизација и опремување што ја зацврстува националната, но и колективната одбрана на НАТО.

Петровска порача дека припадници на Армијата даваат свој личен печат на зацврстувањето на колективната безбедност, одбрана и одвраќање, преку учеството во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија.

„НАТО е одбранбена Алијанса и ние не претставуваме закана за никој. Но, ние сме единствени и обединети во нашата непоколеблива заложба да ги одбраниме нашите сојузнички земји со над една милијарда луѓе“, подвлече министерката.

На состанокот стана збор и за подготовките на претстојниот Лидерски самит во американскиот главен град Вашингтон каде ќе биде одбележана 75-годишнината од основањето на Алијансата, која во 1949 година е креирана како штит против агресија и страв од агресија. НАТО е најуспешната Алијанса во историјата на човештвото, базирана на силната трансатлантска врска помеѓу Европа и Северна Америка и заложбата за заедничка колективна одбрана.

Заедно со останатите министри за одбрана на земјите членки, Петровска изрази очекување дека на Самитот во Вашингтон, како рамноправна членка, ќе учествува и Шведска.

На средбата на Советот НАТО – Украина, министерката Петровска ја реафирмираше поддршката од Северна Македонија за земјата која има право да ја одбрани својата сувереност и територијален интегритет.

„Од самиот почеток бевме јасни за нашиот став – руската агресија го крши меѓународното право и поредокот базиран на правила и принципи. Досега донесовме 12 одлуки за воена и хуманитарна помош, во земјата се обучуваа припадници на украинската Армија, и оваа поддршка ќе продолжи и во иднина“, истакна министерката.

Денеска, министерката Петровска заедно со министрите за одбрана на тринаесет сојузнички земји, меѓу кои Германија, Франција, Норвешка, Турција, Холандија, Полска, Данска, како и Шведска како земја-поканета за членство потпиша и Писмо за намери за „Зголемување на производствените капацитети на муниција и индустриска отпорност“ преку НАТО Мултинационалната иницијатива за набавки, под покровителство на Обединетото Кралство. Целта на оваа Иницијатива е унапредување на соработката со индустријата за обезбедување на повеќегодишна мултинационална набавка на муниција, како и постигнување на зголемена интероперативност и намалување на трошоците за земјите учеснички во Иницијативата.