Секој четврти граѓанин воочува или се сомнева на корупција во работењето на локалната самоуправа

Секој четврти граѓанин воочува или се сомнева на корупција во работењето на локалната самоуправа, вели министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.

- “Годинава приоритет ќе биде зајакнувањето на капацитетот на општините, и административен и финансиски, за да можат поактивно и поквалитетно да се вклучат во задоволувањето на услугите на граѓаните.Најзагрижувачки е сепак, податокот дека секој четврти граѓанин воочува или се сомнева на корупција во работењето на локалната самоуправа. Овие два предизвика можеме да ги совладуваме преку зајакнување на административниот капацитет на општините, но не само преку семинари и советувања за вработените, туку и преку вистинска едукација и дури овозможување помош при вработувања и задржување одреден кадар“, рече Пенов.

Според него, иако урбанизмот е целосно децентрализиран, постојано се зголемува бројот на дивоградби, а некои општини се уште немаат вработено градежни инспектори.

- “Имаме целосно децентрализиран урбанизам, општините се комплетно надлежни, а постојано се зголемува бројот на дивоградби. Значи, функцијата не се извршува, а имаме и сознанија дека одредени општини не вработуваат градежни инспектори. Да не ја спомнувам само Општина Чаир, тука е и Општина Радовиш, и таа нема градежен инспектор. Ваквите општини не успеваат ниту со општинска соработка да ја пополнат оваа празнина“, подвлече министерот.

Во однос на јакнењето на финансиските капацитети, Пенов потсети дека Владата со ребалансот на Буџетот одвои дополнителни 32,5 милиони евра за 66 прокети во 44 општини.