Се склучувале договори за опрема без постапка за јавна набавка: Извршена ревизија за пописот во 2021

Државниот завод за ревизија (ДЗР) по извршената ревизија за Пописот во 2021 констатира недоследности во начинот на планирање на средствата, набавката на софтверска апликација за самопопишување, набавката на преносни компјутери / лаптоп и начинот на исплата на надоместоците.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на тема „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година“, со цел да даде заклучок дали постапката на подготовка, организација, спроведување и објавување на податоците од пописот е спроведена во согласност со законската и подзаконската регулатива.

- Опфатот и доказите кои се обезбедени по пат на спроведување на ревизорските техники и ревизорската методологија, даваат основа ревизорите да заклучат дека освен за состојби во однос на начинот на донесување на дел од подзаконските и интерните акти, периодот на извршување на претходното попишување на одделни категории на лица, бројот на учесниците во пописот во однос на планираниот број, начинот и висината на утврдување на дел од надоместоците, периодот за кој е донесен финансискиот план како и состојбите во однос на јавните набавки, постапката на подготовка, организација, спроведување и објавување на податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година е во согласност, во сите материјални аспекти со одредбите од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, подзаконските и интерните акти донесени за подготовка, организирање и спроведување на истиот, се наведува во соопштението од ДЗР.

Државните ревизори со извршената ревизија констатирале состојби и отсуства во однос на правната рамка, односно утврдено е дека со извршените измени за одложување на спроведувањето на пописот за во септември 2021 година, краток е периодот за исполнување на подготвителните активности.

Исто така, утврдено е и отсуство на пишана процедура со која јасно и прецизно ќе се дефинира целокупната постапка и потребна документација за пописот, како и донесувањето на дел од актите и нивна авторизација спротивно на одредбите на Законот за попис.

Од ДЗР велат дека се утврдени состојби и во однос на подготовката и спроведувањето на пописот, кои влијаат на можноста од потврдување на точноста и целосноста на податоците за лицата кои во време на пописот се наоѓаат на служба на Армијата во земјата или во странство, или на издржување мерка притвор или казна затвор, на лицата во воспитно-поправните домови и на лица кои спаѓаат во категоријата на бездомници.

- Со ревизијата утврдено е дека теренското попишување е спроведено со 505 инструктори и 4.482 попишувачи, број кој е помал во однос на планираниот, а воедно спроведено е попишување на лицата кои не биле попишани во просториите на комисиите за пописни реони, начин на попишување кој не е предвиден во Законот за попис, се наведува во соопштението од ДЗР.

Во извештајот за работа на Советот за статистика за 2021 година, наведени се одредени проблеми при вршењето на пописот во однос на мал одзив на кандидати за попишувачи и инструктори, проблеми со апликативното решение на терен, проблеми со интернет конекцијата, хакерски напади, што предизвикало и прекин во попишувањето, за што е поднесена пријава до Министерство за внатрешни работи.

- Во однос на софтверската апликација за самопопишување на лицата-државјани кои се на привремена работа или престој во странство, ревизорите утврдија одредени состојби и тоа:

- Во текот на 2019 година извршена е набавка на софтверска апликација за пописот, но не е набавена софтверска апликација за самопопишувањето;

- Самопопишувањето отпочна на 01.03.2021 година, а активностите за набавка на апликација отпочнале на 25.02.2021 година;

- На ден 26.02.2021 година упатени се барањата за забрани и можности во однос на апликацијата до фирмата изработувач на апликацијата;

- Софтверската апликација е набавена без надоместок, за што Државниот завод за статистика се обврзал да го истакне името на давателот во апликацијата, со што врши негова промоција, односно станува збор за спонзорство, за кое не е побарано од Министерството за правда решение, со кое ќе се потврди јавниот интерес на ова спонзорство;

- Фирмата изработувач на апликацијата е управувана од лице кое во периодот од 25.05.2019 до 23.09.2020 година бил член на Советот за статистика, како и

- Апликацијата за самопопишување не е евидентирана во деловните книги на Државниот завод за статистика.

- Формирано е стручно тело чие формирање не е уредено во Законот за попис, а воедно и преклопување на надлежности на неколку работни групи, во кои истовремено членуваат исти вработени, се наведува во соопштението од ДЗР.

Во однос на исплатените надоместоци за учесниците во пописот, како што посочуваат од ДЗР, исплатени се надоместоци во износ од 191.405 илјади денари, односно околу 3,1 милион евра, врз основа на правилник во кој се утврдени критериуми и број на бодови за секој критериум одделно, додека вредноста на бодовите е уредена со акт донесен од страна на директорот, без негово парафирање.

- Во март 2021 година, донесен е финансискиот план за пописот во износ од 522.751 илјади, односно околу 8,5 милиони евра, од кои над 40 отсто од средствата се реализирани во текот на 2019 и 2020 година, без усвоен финансиски план за попис, велат од ДЗР.

За реализација на Пописот потрошени се средства во износ од 479.111 илјади денари, односно околу 7,9 милиони евра, во кои најголемо учество од над 49 отсто се расходите за набавка на лаптопи и 40 проценти за надоместоци за учесниците во спроведување на пописните активности.

За потребите на пописот, склучени и реализирани се договори за јавни набавки во износ од 237.905 илјади денари односно 3,9 милиони евра.

- Спроведена е постапка за јавна набавка за набавка на 5.650 лаптопи и со единствениот понудувач склучен е договор во износ од 199.498 илјади денари, односно околу 3,2 милиони евра, за кој со ревизијата констатирано е:

- Пролонгирање на утврдениот рок на испорака на лаптопите и наместо испораката во целост била сукцесивна извршена во период од 05.11.2020 до 18.12.2020 година;

- Со анекс кон договорот извршена е измена на начинот на плаќање на лаптопите, односно наместо 22% од средствата да се платат во 2020 година, а преостанатите во 2021 година, извршено е целосно плаќање во декември 2020 година;

- Квантитативен и квалитативен прием на лаптопите, наместо да се изврши од страна на работна група согласно договорот, утврдено е дека документите за примопредавањето на лаптопите се потпишани од страна на раководителот на субјектот;

- Постапката е спроведена по одобрување од страна на н надлежните органи, но за техничката спецификација за лаптопите, не е добиено мислење од Националниот совет за информатичка и компјутерска технологија при Владата;

- Склучени се 3 анекси на договорот во вкупен износ од 30.255 илјади денари, односно околу 500 илјади евра, без спроведување на постапка за јавна набавка и

- Доставена е банкарска гаранција за периодот на основниот договор, а во однос на анексите, само за третиот анекс, се наведува во соопштението од ДЗР.

Во извештајот е констатирано дека за услуги за медиумска кампања, спроведени се две постапки за јавни набавки во вкупен износ од 7.315 илјади денари, односно околу 120 илјади евра, што е повеќе за 40 отсто од планираните средства.

Државните ревизори утврдиле дека техничките спецификации не содржат количина и вредност по одделни позиции, а финансиските понуди содржат една позиција, додека една постапка е спроведена со преговарање без објавување на оглас, иако Бирото за јавни набавки нема дадено позитивно мислење.

Исто така, како што е посочено во извештајот, набавени се средства за заштита од КОВИД 19 во износ од 1.220 илјади денари односно околу 20 илјади евра, без да се спроведе постапка за јавна набавка.

Државниот завод за статистика, во периодот од 05.09.2021 до 30.09.2021 година го спроведе деветтиот по ред попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, со состојба на 04 септември 2021 година, во 24:00 часот.

Резултатите од пописот се објавени на 30.03.2022 година, шест месеци по завршувањето на теренските активности, согласно кои Република Северна Македонија има 1.836.713 резидентно население, 598.632 домаќинства и 839.174 станови.

- Имајќи предвид дека вообичаено е попис да се спроведува на секои 10 години, како и дека активностите на истиот се регулираат со посебен закон за попис, дадени се препораки кои се во функција на подобрување и создавање на ефикасен систем на планирање, спроведување, следење и реализација на јавните набавки на стоки и услуги, се наведува во соопштението од ДЗР.