Од утрово се реконструираат улици во населбата 11 Октомври. Општина Кисела Вода соопшти дека нов асфалт ќе добијат улици на кои немало никаков зафат 60 години, а се користат интензивно бидејќи се во централното и најгусто населено јадро на општината.
-Асфалтирани ќе бидат улицата „Ѓорѓи Сугаре” со сите нејзини краци и кракот на улицата „Михаил Чаков”, а се решава и проблемот со паркирањето преку изградбата на неколку нови паркинзи. Покрај на функционалноста, Општина Кисела Вода внимава и на естетиката, па така, со ново зеленило, урбана опрема и нови пристапни патеки ќе се подобри и ликот на овој дел од градот, соопшти општината.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека улицата „Ѓорѓи Сугаре” со сите нејзини краци наскоро ќе добие комплетно нов асфалт, како и кракот на улицата „Михаил Чаков”.
-Се работи за позиции на кои не е интервенирано речиси по земјотресот во Скопје, а се улици кои секојдневно се користат од граѓаните и навистина претставува проблем секое движење по нив. Во овој дел од општината го решаваме и проблемот со паркирањето, кое беше даден збор пред моите сограѓани, па паралелно се прават нови четири паркинзи кај трим патеката кои се веќе во завршна фаза, како и уште еден во населбата, рече Ѓорѓиевски.