Четири години од смртта на Билјана Беличанец

Денеска се одбележуваат четири години од смртта на актерката и поранешна градоначалничка на Кисела Вода, Билјана Беличанец.

Беличанец беше актерка во Драмскиот театар во Скопје.

Таа беше градоначалник на скопската општина Кисела Вода од 2013 до 2017.

Дипломираше актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје (1994). Работеше во Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп (1994-1997), а од 1997 година беше во Драмски театар Скопје. Одигра голем број улоги меѓу кои и Маргарет Флаерти („Заводникот од западниот свет“, 1997), Сузана („Свадбата на Фигаро“, 1998), Софија Јегоровна („Платонов“, 1999), Клариса де Бисоњози („Арлекин – слуга на двајца господари“, 1999), Кинегонда/ Газдарица на јавна куќа („Кандид во земјата на чудата“, 2000), Ерика Брукнер („Мефисто“, 2000); Маре („Тетовирани души“, 2001).

Беше дел и од ТВ-проектот „Здраво генијалци“ и натсинхронизираше гласови во турски серии. Има добиено повеќе награди за актерските остварувања, меѓу кои и награда за најдобро актерско остварување за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп (2009), награда за најдобро актерско остварување за улогата на Сара во претставата Генетика на кучињата на МТФ „Војдан Чернодрински” (Прилеп, 2012).

Родена е во 1973 година, а почина на 45-годишна возраст, две години по градоначалничкиот мандат. 

Во нејзина чест Домот на културата во општина Кисела Вода го носи името „Билјана Беличанец“.