Се гради улица во локалната економска зона „Карагач“ во Илинден

Интензивно се работи на подобрување на патната инфраструктура на територија на општина Илинден. Во рамките на проектот за подобрување на патната инфраструктура – изградба, реконструкција, рехабилитација и санација на локалните улици и патишта почнаа градежните активности на улицата 36 во локалната економска зона „Карагач“ во населбата Илинден, известува Општина Илинден.

Со градежните работи планирано е да се изврши целосна реконструкција на улицата во должина од 680 метри и широчина од 6 метри коловоз. Оваа улица е од големо значење бидејќи претставува главна сообраќајница за локалната економска зона „Карагач“, а ги поврзува населените места Ајватовци и Бунарџик со населбата Илинден.

Од Општината велат дека за време на реализација на градежните работи на улицата ќе биде воспоставен привремен режим на сообраќај, кој ќе го спроведува фирмата изведувач на активностите на терен, „Филип инженеринг“ ДООЕЛ Скопје.

Увид на почетокот на градежните работи изврши градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој се запозна со динамиката и текот на одвивање на активностите, при што посочи дека реконструкцијата на оваа улица значително ќе ја подобри функционалноста во работењето на стопанските субјекти од локалната економска зона, како и секојдневното функционирање на граѓаните од општина Илинден.

Целосната инвестиција за реализација на овој проект е со средства од буџетот на Општина Илинден, се додава во соопштението.