„Провинцијалците“ го полнат Скопје поради гола егзистенција

Вечно актуелна и отворена останува темата за прифаќањето на дојденците во главниот град Скопје.

Една анегдота вели дека кога во Скопје правеле анкета со прашањето „Зошто ви пречат луѓето од други градови?“, 68.9% одговориле „А, на кого му сметаме?“.

Несомнено во потрага по егзистенција голем број граѓани ширум земјава се одлучуваат да се преселат во Скопје. Велат бргу се адаптираат и секогаш ја имаат можноста да се вратат во родниот град.

Девет од десет анкетирани велат дека главна причина за нивната преселба била од економска причина.

-Поради подобро платена работа се преселивме јас и сопругата заедно со децата. Сите роднини ни се во Кавадарци. Одиме натаму често и оттаму доаѓаат кај нас. Верувајте кога би имало децентрализирана економија би живееле секој во своето родено место. Тука имаме дополнителни трошоци за стан, вели еден кавадарчанец кој веќе пет години живее во Скопје.

-Секој би останал таму каде што е. Никој не сака да менува темпо на живот и да се дели од блиските, но принудени сме. Дојдовме од Кратово. Иако и двајцата сме со факултетски дипломи, во Кратово нема работа ни за еден од нас, па така во Скопје решивме да купиме стан и да работиме тука, вели една млада жена.

-Да, се случува често да не нарекуваат провинцијалци, дојденци...Цело Скопје е така. Не ни пречи, си ја тераме ние нашата работа. Дојдени сме за поубав живот, го споделува своето мислење една млада жена која се преселила до Гевгелија во Скопје.

Повеќето велат дека се чувствуваат убаво во Скопје. Има многу нешта достапни и им оставаат поголеми можност на своите деца. Единствено се жалат на загадениот воздух и небезбедниот сообраќај, а за менталната матрица дека се „дојденци“ или „провинцијалци“ велат дека никој нема право да им суди и така да ги именува.