Промовирана „Заветна“ во изведба на Бојана Скендеровски (ВИДЕО)

Нашата позната пејачка Бојана Скендеровски денеска, токму на светлиот Илинден, ја промовираше „Заветна“ - преработката на култната песна од Пепи Бафтировски. 

Песната е дел од музичкито проект „Макединијо, во срце те носиме“ преку кој, во нов аранжман, блеснаа 12 македонски патриотски песни во изведба на 12 македонски изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика. 

- Од дете растев со македонска музика, воспитувана сум да ја сакам својата земја, да сум горда што сум Македонка, да ја запознаам својата земја, за да ја сакам со цело срце… Ги сакам македонските родољубни песни, често ги пеам, но сфатив дека ако тоа го направам заедно со моите колеги, ќе има поголем ефект, ќе биде помоќно и пораката ќе се прошири уште повеќе… Тие сите ја прифатија мојата покана, и професионално ја завршија својата задача, работеа со срце, вели Бојана за Скопје Инфо за идејата и инспирацијата за овој голем музички проект.  

-„Заветна“ е повеќе од песна, таа е химна… Во себе ја содржи сета вистина за Македонија, и како историјата да се повторува од времето кога била создадена пред 30 години денес нејзиното значење е уште поголемо… Сакам да изразам огромна благодарност до Миле и Георги Барбаровски кои ни оставија вакво музичко, брилијантно дело… Апелирам Пепи Бафтировски постхумно да добие награда за посебен придонес во музиката како национален уметник од државата. „Заветна“ е песната која ги обединува Македонците на секоја точка во светот, таа во исто време ти предизвикуваа милион различни емоции, те тера и да плачеш, и да бидеш силен, и горд на тоа што си. Прв пат ја отпеав во 2011 година во емисијата „Зајди, зајди“ и се сеќавам дека сега веќе покојниот Милан Завков ми рече: ‘Бојана браво, како се сети на песната, јас го снимав студискиот дел од аранжманот кога ја подготвуваме за Пепи…’ Инаку, сакам да се заблагодарам на целиот наш тим кој работи на овој проект, на мојот и наш продуцент Васко Скендеровски, на Николче кој направи чиста уметност со преработките, на техничката екипа која работи на аудио и видео делот од проектов, на моите колеги кои беа вистински професионалци, на тимот кој го работи ПР-делот и кој е задолжен сето ова да допре до публиката, и на сите медиуми кои ни даваат безрезервна поддршка…. И на крај огромна благодарност на целиот македонски народ што го сака „Македонијо во срце те носиме!, вели Бојана.