Прогласена енергетска криза - Ќе има ли рестрикции зимава?

Владата вчеравечер прогласи кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на национално ниво.

Двете одлуки ќе почнат да се применуваат од 1 септември и ќе траат 30 дена од денот на отпочнувањето на примена на овие одлуки.

Првата одлука е донесена заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, а втората заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија.

Со денот на отпочнувањето на примена на овие одлуки, како што соопшти вчера Владата, Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија и за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија постојано ја следи, анализира и проценува состојбата на пазарите на електрична и топлинска енергија и предлага мерки согласно уредбите кои ги регулираат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба.

Од почетокот на септември стапуваат во сила и мерките за штедење на електрична енергија кои ќе важат до крајот на март следната година. Комисијата за јавно-приватен дијалог ќе стане кризно тело преку кое Владата и бизнис секторот заеднички ќе делуваат во насока на справување со енергетската криза.

Надлежните институции уверуваат дека струја ќе има во престојниот зимски период и дека рестрикциите не се опција ако се оди според планот на Електростопанство на Северна Македонија.

На вчерашната редовна седница на Комисијата со која копретседаваше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, тој ги извести присутните за планот на производство на АД ЕСМ, појаснувајќи дека Планот за производство на АД ЕСМ за 2022 година е направен со зголемување од 25 отсто во споредба со 2021 година и со тоа ЕСМ ќе ја произведува целата електрична енергија која им е потребна на граѓаните и на малите потрошувачи, и нема потреба да купува струја.

Дополнително, како што рече, сите производствени капацитети од домашното производство ќе се стават во функција.