Претседателските кандидати го остварија своето право на глас - Еве ги нивните пораки!

Седуммината кандидати за претседател на државата денеска го остварија своето право на глас. 

- Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт, порача кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова по гласањето во првиот круг од претседателските избори додавајќи:

- Јас никогаш не агитирам за себе, граѓаните знаат за кого да гласаат, знаат да си го искористат избирачкото право. Генерации гинеле за негово користење! Споредете и направете го вистинскиот избор!“ 

Гласаше и кандидатот за претседател, Стево Пендаровски. 

- Гласањето е исклучително важно, не толку за индивидуалните кариери на секој од нас кандидатите кои сме на овие претседателски избори, тоа е исклучително важно за целата држава, за Македонија, бидејќи држава која преговара со Европската Унија не смее да си дозволи лош изборен процес. Имаме долго искуство во таа смисла, повеќе од 30 години сме независна држава, имаме поминато многу изборни циклуси и јас се надевам дека како и минатиот пат, така и сега тоа ќе биде со запазување на највисоките европски и меѓународни стандарди“, рече Пендаровски.

Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица го оствари своето право на глас на ИМ во ОУ „Јан Амос Коменски“ во Карпош.

- Еве ме на 60 годишнината на моето основно училиште „Јан Амос Коменски“, каде прв пат зачекорив во школските клупи. Денес зачекорив да го дадам гласот за себе, се разбира. Ова е малку необична ситуација затоа што ние на Универзитет кога сме подложени на избор излегуваме надвор од просторијата и коректно е да не гласаме за себе. Меѓутоа ова е друг тип на битка, ова е политичка битка, во која всушност со чинот на гласање ја изразувам сопстевната убеденост во тоа што го говорам, во тоа што го понудив и се надевам дека голем број на граѓани ќе го направат тој чекор, да дојдат до гласачките места.Мислам дека е тоа првиот и најважен чекор, а каков избор ќе направат ќе видиме вечер.  Па, ќе видиме како граѓаните ќе проценат. Овде учителките ме процениле одамна, рече Ванковска во изјава за медиумите.

Кандидатот за претседател, Арбен Таравари, гласаше со своето семејство, при што порача изборите да бидат фер и демократски.

- Нека победи подобриот. Ние секој резултат ќе го прифатиме. Атмосферата е добра, има ентузијазам, а граѓаните масовно излегуваа, рече Таравари по гласањето.

Народот одлучува за иднината на Македонија, порача кандидатот за претседател, Максим Димитриевски по гласањето.

- Jас го остварив своето право и гласав. Народот одлучува за иднината на Македонија! Посакувам демократски избори и можност граѓаните самостојно да одлучат!, рече Димитриевски, споделувајќи фотографии од гласањето. 

Кандидатот за претседател Бујар Османи посака изборите да бидат слободни, фер и демократски.

- Граѓаните да излезат, масовно да гласаат, да гласаат според своето убедување, со цел и надеж за подобри денови на нашата држава во големата европска фамилија. Овие избори не се обични избори, туку се одлучувачки избори по однос на иднината на државата. Граѓаните се исправени пред две опции – изолација или интеграција, очекувам да ја донесат правата одлука, кажа Османи. 

Кандидатот за претседател, Стевчо Јакимовски го оставри своето право на глас, порачувајќи дека најголема штета и’ се прави на Македонија ако не се излегува да се гласа.

- Многу сум среќен дека денеска гласаме за наш претседател, ниту за српски, ниту за бугарски, ниту за грчки претседател. Вечна слава нека им е на АСНОМ-ците кои ги удрија темелите на современата македонска држава и го остварија вековниот идеал на македонскиот народ, рече Јакимовски.

Тој по гласањето додаде дека е точно оти оваа држава не е совршена, но сите сме одговорни за тоа каква држава имаме.