Преку ФИТР поддржани 1.100 проекти од 138 милиони евра, следната година фокус на зелените инвестиции

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска одбележува 10 години од основањето, а еден од успесите се 1.100 поддржани проекти со инвестиции од 138 милиони евра.  За наредната година фокусот се очекува да биде кон поддршка на зелените инвестиции.

Како што беше порачано на на одбележувањето на јубилејот на ФИТР, неопходно е постојано да се вложува во развој на нови иновации и технологии за да се создадат конкурентни компании дома, но и на глобално ниво.  

Со инвестиција на ФИТР од преку 86 милиони евра во домашното стопанство, беше посочено на свеченоста, се поттикнале нашите компании да вложат 52 милиони евра во развој и напредок, со што им се овозможило да станат поконкурентни на домашниот пазар,но и да се подготват за влез на глобалните пазари.  

Во 2023 година Македонија се искачи 12 места на Глобалниот иновациски индекс, односно на 54. та позиција во споредба со 66 место во 2022 година, а 9-та на листата со најиновативни економии во групата на земји со високо-средни приходи.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи истакна дека  досегашната поддршка преку ФИТР од 138 милиони евра треба најмалку да се удвои во следните години, а резултатите тројно.

– “Поддржаните проекти да се со голема додадена вредност, порача Битиќи. -Тој посочи дека веќе се гледа и во следниот развој на ФИТР а тоа е неговата акредитација кон Зелениот климатски фонд, со што, како што рече, ФИТР ќе биде прва државна институција акредитирана за директен пристап до финансии од Зелениот климатски фонд. – Ова е исклучително важно бидејќи ќе се овозможи поголема вклученост и поголеми финансиски средства на приватниот сектор во справувањето со климатските промени, рече Битиќи. Со 1,5 милиони евра, Фондот го поддржува и развојот на акцелераторите Х фактор,  Сивус Акцелератор и Деловно-технолошки акцелератор УКИМ.