Прекинати 1134 решенија за социјална помош, незаконските исплати го оштетиле буџетот за 2,5 милиони евра

Незаконски исплати во врска со гарантирана минимална помош го оштетиле буџетот на Министерството за 2,5 милиони евра, ова го изјави техничкиот министер за труд, Ѓоко Велковски. Тој притоа кажа дека министерството за труд изготвило 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална пензија на лица што 18 месеци незаконски добивале пари од државата оти не го исполнувале условот да немаат регистрирано возило на свое име.

„Констатирани се 1.134 незаконски исплати на социјална помош, која траела од јуни 2022 година до моментот кога го објавивме скандалот за што буџетот на Министерството е оштетен за 155.038.530 денари или над 2,5 милиона евра. Во моментот изготвени и донесени се 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална сигурност со забрана за користење на правото во наредните 12 месеци. Граѓаните имаат право на редовен правен лек до второстепените органи, па дури потоа центрите за социјална работа ќе склучат спогодби за враќање на неосновано примените парични средства“, рече техничкиот министер Велковски.

Во ковид-кризата беа олеснети условите за користење на социјалните права од аспект на поседување и користење моторно возило и во системот влегле сите возила постари од пет години. Но, по завршувањето на кризата, во системот останале таквите лица и продолжиле да добиваат помош иако не го исполнуваат условот да немаат возило.

„Ковид-кризата завршува на 30.6 2022 година, но ништо не се презело за преиспитување на предметите на корисниците што поседуваат регистрирано моторно возило и тие останале во системот за социјална заштита и ги користеле правата. Некои директори на центрите за социјална работа самоиницијативно вршеле проверка и правеле прекини во изминатиот период додека тоа не бил случај кај другите“, рече техничкиот министер Велковски.

Техничкиот министер најави дека истражните органи ќе утврдуваат чија е вината за незаконската исплата на социјална помош оти тој, како што нагласи, не бил ниту истражител ниту обвинител, туку имал обврска да ја сопре незаконската исплата на државни пари. Тој за милионската проневера со социјалната помош ја извести јавноста пред еден месец кога најави вонредни надзори во сите центри за социјална заштита во државата.