После 6 години Силвана Бонева доби правда, Судот донесе ослободителна пресуда

Денес на својот Фејсбук профил поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева напиша дека после 6 години конечно ја доби правдата и Судот донел ослободителна пресуда во нејзиниот случај.

- “Со 21 сведок и 7.179 докази, се срушија како кула од карти лагите и клеветите дека божем нешто сум злоупотребила, исто како што се сруши со години повторуваната лага дека сум била рекордер во земање на патни трошоци.  Наместо Oбвинителството да го докаже обвинението дека сум поднесувала лажни фискални сметки, јас докажав дека Oбвинителството како докази против мене имаше подметнато туѓи фискални сметки од други лица, прикажувајќи ги како да се мои“ напиша Бонева.

Таа додаде дека го побила обвинението дека не патувала на седници од Струмица за Скопје и докажала дека патувала додека била пратеник во тој период, a Собранието и исплатило патни трошоци согласно закон, исто како и на другите пратеници.

- “Дополнително, преку фотографиите постирани на фејсбук и сведоците, докажав дека не само што сум патувала на седници, туку и дека скоро на секои 2 дена во тој период патував на свој трошок на средби со граѓани низ целата држава, иако за такви активности Собранието не исплаќаше патни трошоци. Се потврди дека прогонот на СЈО беше чиста политичка пресметка, a обвинението против мене целосно неосновано и политички мотивирано посочи Бонева.