Почна манифестацијата „Штипска пастрмалијада“, пастрмалијата се продава по регулирана цена од 200 денари

Со сечење на џиновската пастрмалија, вчера почна манифестацијата „Штипска пастрмалијада 2023 година“. Оваа година, штипскиот специјалитет се продава по регулирана цена од 200 денари, договорена на координативен состанок помеѓу градоначалникот и угостителите.

Џиновската пастрмалија е приготвена со 16 килограми свинско месо, тестото е долго над два метра, а широко е околу еден метар. За овој познат штипски гурмански бренд, беа ангажирани петмина мајстори.

Штипскиот градоначалник Иван Јорданов и членовите на групата „Некст тајм“ ја отворија манифестацијата.

Јорданов истакна дека е чест да се започне најзабавната и најмасовна манифестација.

- Оваа вечер посакувам добра забава, да има многу изедени пастрмалии. Затоа што штипјани се добри домаќини, но и добри гурмани и убеден сум дека на правилен и вистински начин ќе го презентираме штипскиот бренд, а тоа е штипската пастрмалија, рече Јорданов.

На свеченото отворање присуствува и Доминик Роудс, заменик амбасадор на Велика Британија, кој истакна дека првпат ќе го проба познатиот штипски гурмански бренд.

Вечерва ќе пеат Саша Ковачевиќ, Пајак и Лара, додека утре „Амадеус бенд“, „Љубојна“ една од нашите најреномирани групи, како и хрватската пејачка Даниела Мартиновиќ.

Што се однесува на возилата при влез во градот се организирани екипите на ЈП „Стипион“. Паркингот во градот ќе се наплаќа и утре до 15 часот, а потоа ќе биде бесплатен на секоја паркинг-позиција.