По повод 152-години од раѓањето на Гоце Делчев, собраниска делегација ќе положи цвеќе во црквата „Св. Спас“

Делегација на Собранието, предводена од потпретседателот Горан Мисовски, во состав Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска, по повод 152-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, на 4 февруари 2024 година (недела), во 10:00 часот, ќе положи свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.

Четврти февруари е датумот на раѓање на еден од најголемите македонски дејци, Гоце Делчев. Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.Тој е учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Се борел за самостојна македонска држава.