По два месеци интензивна работа, заврши снимањето на „Врба“, најновиот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски.
Станува збор за неговиот шести долгометражен филм, во продукција на „Банана филм“ и е македонско – унгарско – белгиска копродукција, со учество и на Албанија.
Снимањето се одвиваше низ различни локации на живописниот прилепски регион и на препознатливи локации низ Скопје. Сега е во постпродукциска фаза.
„Врба“ е љубовен филм за денешни и дамнешни души. Испреплетени приказни за љубов и доверба – од македонското средновековие и од македонската сегашност – се огледуваат и се во контраст една со друга. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба” имаат слични грижи, радости и соништа.
Во него играат: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други.