Оставка од тројцата судии од Врховен што ја донеле одлуката за одземање на Работничкиот дом, побара ССМ

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на денешната прес-конференција побара оставка од судиите Шпенд Деваја, Исамедин Лимани и Наке Георгиев од Врховниот суд, кои ја донеле пресудата за одземање на имотот на Синдикатот.

„Како што знаете, излезе пресудата од Врховниот суд. Шпенд Деваја како претседател на советот, потпишан на пресудата, Исамедин Лимани и Наке Георгиев се луѓето што го чинат судството во Македонија, да го сметаат за корумпирано и дека работи под влијание. Овие тројца луѓе од советот на пет судии, вклучително и Елица Крстевска и Анета Бошковска, кои гласале против ваквата одлука, ја донеле одлуката со нивно слободно убедување, без никакви аргументи, со користење закон што не е во правна сила“, рече Трендафилов на денешната прес-конференција.

Врховните судии, како што објасни Трендафилов, на девет страници донеле пресуда со образложение во кое само во еден пасус се повикуваат на еден закон од 1998 годин, а кој не е во сила затоа што во 2010 година е донесен нов закон, во кој е наведено дека со стапувањето во сила на новиот закон претставува да важи законот од 1998 година.

„Многу ми е жал што овие врховни судии не знаат дека од 2010 година има нов закон за здруженија и фондации, во кој во членот 2 се наведува дека одредбите од овој закон не се однесуваат на политички партии, цркви, верски заедници, религиозни групи, синдикати, комори и други видови здружување утврдени со посебни закони“, рече Трендафилов.

„Шестар-системот во судството, да ги бодат законите и да избираат кој ќе го применуваат за временски период што ним им одговара е катастрофа и погубно за судството и е погазување на честа на сите оние судии што совесно си ја извршуваат работата и токму поради ваквите судии довербата во судството е два процента“, рече претседателот на ССМ.

„Истите врховни судии, кои разбравме дека гласале да се одземе Работничкиот дом на еден ваков криминален начин, не ја почитувале ниту одлуката на Уставниот суд од 1992 година, во чие образложение е укината одлуката за определување на рокот за преземање на средствата на општествени и политички организации. Не ја почитувале ниту пресудата на Врховниот суд од 24.11.2004 година, во која се одбива како неосновано барањето за одземање на имотот на ССМ“, посочи Трендафилов.

Тој рече дека се сомневаат на корупција од највисоки размери, на политичко влијание и притисок за носењето на ваквата одлука за да се одземе Работничкиот дом од работниците.

„Најмалку што може сега да направат судиите е да донесат нова пресуда, со која ќе ја исправат својата грешка“, додаде Трендафилов.

Тој рече дека ССМ се обратил до нивните братски синдикати од европската и светската конфедерација на синдикатите.

„Целокупното светско синдикално лидерство ќе дојде во Македонија токму во текот на изборите кога ќе им гори на политичките партии и кога тие ќе треба да поведат одговорност за овие судии“, рече Трендафилов.

Доколку овие судии не си дадат оставка до петок, во текот на наредната недела почнуваме постапка пред Републичкиот судски совет за нивно разрешување.