Османи: Со најдобра можна реорганизација ќе ја надминме кризата со зголемените барања за нови патни исправи

Од сега, Генералниот конзулат во Венеција, ќе работи во две смени, како и во сабота и недела. Овој распоред на работно време во Конзулатот ќе трае се до нормализирање на ситуацијата и намалување на барањата на нашите државјани за конзуларни услуги рече Министерот за надворешни работи Бујар Османи во рамки на неговата работна посета на конзулатот.

Османи побара од дипломатите во претставништво да вложат повеќе напори, со цел да се скрати времето на чекање при поднесување на барање и подигнување на патните исправи.

- “Комодитетот на нашите државјани кога доаѓаат во Конзулатот како и брзите и ефикасни услуги, претставуваат приоритетна задача за сите нас. Има бројни предизвици, но мора да се организираме на најдобар можен начин. Ова е вонредна состојба, меѓутоа причината за што постојат претставништвата е токму олеснување и надминување на постапките преку дополнителен ангажман“, истакна Османи.

Воедно, Османи имаше директен контакт со нашите државјани, кои чекаа пред конзулатот за нивните потреби, со цел лично од нив да слушне кои се проблемите со кои се соочуваат и како сметаат дека би било подобро за на сите да им се олесни работата.

Министерството за надворешни работи целосно ја реорганизираше работата на дипломатко-конзуларните претставништва, преку зајакнување на капацитетите со дополнителни дипломати, со воспоставување во функција на дополнителни мобилни станици за сликање за нови патни исправи и преку работа во две смени и работење во сабота и недела.