Османи пак заплашува со Русија: После Украина следен ќе биде Западен Балкан

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вели дека Украина е само првата станица на Русија, следна според него ќе биде Западен Балкан. Тој на настанот со кој се одбележуваат четири години од членството на Македонија во НАТО допоолни дека државава е фактор на стабилност во регионот

„Членството на Северна Македонија во НАТО се реализираше во многу соодветен момент, пред почетокот на руската агресија во Украина.На тој начин, земјава претставува не само фактор на стабилизација на Регионот, туку и поттик за земјите во нашето соседство, кои имаат волја и се подготвени да застанат зад заедничките евроатлантски вредности и цели“, рече Османи.

Шефот на дипломатијата потенцираше дека сега е време за забрзување на европските и евроатлантските интегративни процеси.

„Сега, повеќе од било кога, евроатланската и европската интеграција на Западниот Балкан е клучна за подобрување на безбедноста и за консолидирање на стабилноста. Евро-атлантските интегративни процеси се најдобрите демократски алатки за спречување конфликти и злонамерно вмешување на трети страни“, кажа Османи.