Османи: Да се фокусираме на организација на системот со пасошите, а помалку на политиканство

Минисерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција вели дека мерките на државите од ЕУ и регионот во врска со нашите пасоши се на некој начин транзициски период. Тој додава дека треба да се фокусираме на организација на системот, а помалку на политиканство. Ја спомна Црна Гора дека иако имало одлука да не се признаваат старите пасоши сепак по средбата со нивниот министер за надворешни работи ја промениле својата одлука.

„Швајцарија има донесено јасна одлука во која што вели за нас документите се валидни. Така што, Црна Гора веќе не’ извести дека ќе ги признаат, односно ќе ги прифаќаат пасошите со старо име доколку се валидни. Меѓутоа, мислам дека се тоа мерки со цел да се олесни овој транзициски период. Мислам дека МВР не треба да се води по тоа да најде алиби или да најде некое решение кое што ќе ја одложи примената. Дајте да се фокусираме на подобра организација на системот, на помалку парадирање, на помалку политиканство, туку на подобра организација со цел да се зголеми бројот на издадени пасоши на граѓаните. Ако можеме ние да помогнеме како МНР тука сме да помогнеме и тоа го правиме. Ги реорганизиравме нашите ДКП-а, испративме дополнителни дипломати, испративме дополнително базни станици, направивме организирање на работата во две смени, работа за викенд. Мислам дека ова треба да ни биде фокусот да го зголемиме бројот на издадени пасоши. А ние паралелно ќе работиме за да им се олесни на граѓаните, но не треба тоа да ни биде водилка, односно надеж дека еве можеби ќе се сменат правилата на игра сами по себе, а ние ќе можеме полабаво да ја тераме овде работата, вели Османи наведувајќи дека МНР е подготвено да помогне на МВР во овој процес, доколку за тоа има одлука на Владата“ рече Османи

Министерот посочи дека законите за пасошите се донесени од страна на МВР пред неколлку години и таму јасно пишувало дека треба да се заменат до 12 февруари 2024 година.

„Тоа било веројатно во функција на имплементирање на Уставот, бидејќи во Уставот членот 118 вели меѓународните договори ратификувани во нашето Собрание кои се дел од внатрешниот правен поредок не може да се сменат со закон. Тоа значи и да ја немаше таа законска измена сепак Уставот е тој што е над законите. Така што, имаше веројатно причина зошто МВР има донесено такви решенија, но мислам дека сега е време да се организираме. Тоа е клучниот збор – да се организираме за да им излеземе во пресрет на граѓаните, а ние се нудиме да им помогнеме на МВР со сите наши капацитети“, кажа Османи.