Општина Карпош ќе го оспори донесениот ДУП на општина Ѓорче Петров пред Уставниот суд

Општина Карпош ќе го оспори донесениот ДУП С3 16 на општина Ѓорче Петров пред Уставниот суд откако Градоначалникот, Стевчо Јакимовски ја доби поддршката од 15 советници од Карпош. Советниците гласаа позитивно за Предлог – Мислењето кое беше доставено пред нив на денешната вонредна 43. седница, кое воедно претставува и акт на противење на начинот и процедурата со кои е донесена оваа планската документација на Општина Ѓорче Петров.

Поточно, станува збор за плански опфат кој граничи со општина Карпош на потегот кај населбата Влае, во чија околина се планира изградба на три хемиски фабрики, кои би биле лоцирани во непосредна близина на бунарското подрачје Лепенец – Вардар. По проценките на стручните лица, отпадните води од тие хемиски капацитети ќе завршат на територија на општина Карпош, што претставува закана по здравјето на населението кое живее во тој реон.

Според Деталниот план на Општина Ѓорче Петров се предвидува и изградба на триесетина објекти за колективно домување (од 5 до 21 кат) во близина на населбата Влае, кои дополнитело ќе ги загрози интересите на карпошани и сериозно ќе го доведе во прашање квалитетот на нивниот живот.