Карпошани ќе може да купуваат велосипеди и електрични тротинети со субвенција од општината

Општина Карпош и годинава објави Јавен оглас за одобрување на субвенции за жителите на општина Карпош, за купување на нови велосипеди и електрични тротинети.

За оваа намена, Општината од својот буџет одвои финансиски средства во висина од 850.000 денари, а акцијата ќе трае до исцрпување на средствата функционирајќи според принципот „прв дојден, прв услужен“.

- Притоа, се предвидува субвенционирање до 30% од цената на купување на нов велосипед, или во максимален паричен износ најмногу до 4.500 денари, додека пак за купување на нов електричен тротинет, општина Карпош ќе субвенционира до 30% од цената, односно најмногу до 6.000 денари. Право на субвенционирање во оваа акција ќе има секој полнолетен жител на општина Карпош, кој ќе купи нов велосипед или електричен тротинет започнувајќи од 07.02.2024  година (среда), информираат од локалната самоуправа. 

Потребни документи за субвенционирање на велосипеди и електрични тротинети се:

- Барање за субвенција за купување на нов велосипед или електричен тротинет;

- Изјава за согласност за обработка на лични податоци;

- Лична карта (фотокопија);

- Трансакциска сметка, (фотокопија);

- Фискална сметка или фактура за купен велосипед или електричен тротинет, кој е купен не порано од 07.02.2024 година (среда).