Општина Илинден со поддршка за младите таленти

Општина Илинден го помогна гостувањето на младата поетеса Викторија Ангеловска во Загреб, Хрватска.

Ангеловска синоќа настапи со поетско читање во библиотеката „Марија Јуриќ Загорка“ во Загреб во склоп на меѓународната книжевна размена помеѓу Хрватска и Македонија, во организација на Хрватско друштво писаца (ХДП) и издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје.

Таа денеска и утре ќе учествува и на престижниот интернационален поетски фестивал „Стих у регији“ (СУР) во Загреб. Нејзини песни се поместени и во антологијата на современата македонска поезија „Пронаѓена ријеч“, во избор и препев од македонски на хрватски на Борислав Павловски, издание на ХДП, што вечерва ќе биде промовирана во рамки на фестивалот.

Викторија Ангеловска е родена и живее во Илинден. Таа е една од најперспективните млади македонски авторки. Досега ги напишала стихозбирките „Станица 15“ и „Ноќта сѐ знае“. Учествувала на повеќе поетски читања во Скопје и републиката, а ова е нејзино прво претставување во странство.