ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево добива модерен спортски терен и сензорна училница на отворено

Градоначалникот Ѓорѓиевски го посети ООУ “Рајко Жинзифов во Драчево. Во ова училиште, во завршна фаза се градежните активности за изградба на модерни спортски терени на 2200 квадрати. Поставени се нова трева, стативи и ограда, со што учениците добиваат современи услови за спортување и рекреација. Едновремено, во дворот на училишниот објект се одвива изградба на инклузивна сензорна училница на отворено. Истата, која е прва во Скопје, на учениците со попреченост ќе им овозможи подобра сензорна стимулација, но ќе се користи и од страна на сите останати ученици.

– Продолжуваме со унапредување на условите за настава во училишните објекти низ Општина Кисела Вода, инвестирајќи во она што им е потребно на нашите ученици. Денес сме во Драчево, во ООУ “Рајко Жинзифов”, каде веќе во завршна фаза е изградбата на новите модерни спортски терени, изведени по сите стандарди. Се работи за поголем простор од околу 2200 квадрати на кој е поставена нова трева, стативи, осветлување, а просторот е ограден со нова ограда. Со ова создаваме одлични можности за нашите учениците да ги развиваат своите таленти, да спортуваат и да се развиваат. Како илустрација на нашите континуирани заложби за развој на спортот, само ќе спомнам дека неодамна беше завршен и спортски комплекс во ОУ “Кирил Пејчиновиќ”, а за овие две години изградивме 16 спортско-рекреативни центри и паркови низ целата општина. Покрај спортскиот терен, во дворот на ова училиште веќе започнавме со активностите за изградба на инклузивна сензорна училница на отворено, која на 150 м2 ќе претставува простор каде учениците со попреченост ќе можат да ја подобрат својата сензорна стимулација, но истата ќе може да ја користат и сите останати ученици.

Инвестицискиот циклус нема да сопре, не само во ова туку и во сите останати основни училишта на територија на општина Кисела Вода. Остварувањето на правото на квалитетно образование за сите ученици е наш силен мотив од кој се водиме и кој ќе го претвориме во многу проекти во периодот што е пред нас-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.