Охриѓани ќе се забавуваат со ДНК, Нино Величковски и Татијана Стефановска за дочекот на Новата година

Бендот „ДНК“, естрадните уметници Нино Величкоски, Татијана Стефановска, како и ди-џеите Јана Слеј и Багзи се некои од имињата задолжени да ги забавуваат охриѓани и гостите кои ќе решат Новата 2024 година да ја дочекаат на Градскиот плоштад во Охрид.

Организираната забава за Новогодишните празници почна на 28 декември со „Светот на Биби“. Денеска на Градскиот плоштад ќе се игра театарската претстава „Ракавиците на Дедо Мраз“, а утре претставата „Далматино и Дедо Мраз“.

На 31 декември на плоштадот ќе се одржува музичко-театарскиот спектакл за деца и млади „Новогодишна детска бајка“.

Сите предвидени содржини што се дел од новогодишната програма, а се посветени за најмладите, ќе започнуваат во 12:30 часот.

За главниот дел од забавата односно самиот дочек на Новата година се задолжени ди-џеите Јана Слеј и Багзи, Татијана Стефановска, групата „Де-Ен-Ка“, Нино Величкоски и групата „Фортуна“. Почетокот е закажан за од 21:00 часот.

Забава во центарот на Охрид ќе има и на 1 јануари, со настапот на групата „Балкан џем“ и Драган Мијалкоски, предвидена да почне од 12 часот.

Хотелските капацитети за престојните новогодишни празници се веќе исполнети, особено оние со помал број легла. Помалите сместувачки објекти се речиси стопроцентно исполнети, се чува само по некоја соба колку за сместување свои коминтенти, додека однапред резервираните аранжмани се речиси распродадени.

Поголемите хотели на брегот на Охридското Езеро оваа година слично и на изминатите, ќе работаат за празниците како преку аранжмани,така и врз база на индивидуални посети, но без да организирааат дочек на Новата година. Понудата е различна, зависно категоријата на објектот, но цените се слични на минатогодишните, односно приближно 50 евра за ноќевање со појадок, до некаде 200 евра за тридневен полн пансион со свечена вечера за дочекот на Новата година.

Помалите хотели се целосно закупени и тоа најмногу со гости од соседните држави, од кои најбројни традиционално се оние од Србија, но и од Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора. Гости ќе има и од подалечни дестинации, од европските земји, но во помал број.