Одбележан патрониот празник на ООУ „Блаже Конески“

По повод 99-годишнината од раѓањето на македонскиот лингвист, професор, академик, кодификатор на современиот македонски јазик, Блаже Конески, градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, положи цвеќе пред бистата на великанот во истоименото основно училиште во Аеродром, оддавајќи му почит за неговиот безвременски придонес.

Свежо цвеќе положија и претседателката на Советот, Ивана Цветановска и дел од советниците.

Честитајќи го патрониот празник на училиштето „Блаже Конески“, градоначалникот Марин порача да се чува и негува неговото богато творештво, кое остави трајни вредности за сегашните и идните генерации.