Градинката „Гоце Делчев“ во Илинден го одбележа 10-от јубилеен патронат

Со богата приредба, пред голем број родители и гости, детската градинка „Гоце Делчев“ на свечен начин го одбележа 10-от патронен празник.

По повод овој голем јубилеј на првата општинска детска градинка во Општина Илинден на присутните им се обрати градоначалникот Жика Стојановски, кој упати искрени честитки до вработените во градинката, до родителите и пред се до оние најмалите, до дечињата.

-Ова е прва градинка изградена во овој век во Република Македонија, последните градинки во нашата земја беа изградени во 60-те и 70-те години од минатиот век, затоа ова е посебна чест за сите нас во Општина Илинден, како граѓани, како жители на Општината. Сакам да им се заблагодарам на сите оние што дадоа свој придонес во основањето и развојот на детската градинка, на сите вработени, на Советот на Општина Илинден, на Министерството за труд и социјална политика, рече градоначалникот Стојановски.

Тој додаде дека градинката е гордост на Општина Илинден и дека е особено среќен што родителите се задоволни од згрижувањето на нивните деца. Притоа, градоначалникот Жика Стојановски ја искористи можноста да најави и изградба на нова детска градинка во н.м. Миладиновци што ќе придонесе за подобрување на условите за живеење и квалитетот на живот на сите граѓани на Општина Илинден, посебно за грижата за децата.

-Ова беше и наш приоритет што секогаш сме го истакнувале, дека најважни ни се децата, додаде Стојановски.

За основањето и поставувањето на темелите на предучилишната и детска заштита во Општина Илинден како и за натамошниот раст и развој на градинката, на градоначалникот Жика Стојановски му беше доделена специјална Плакета за особен придонес во основањето, развојот и афирмацијата на градинката.

Плакети за придонес и посветеност во работењето им беа доделени и на повеќемина вработени од првиот ден од постоењето на градинката.  

На 22 април 2008 година излегуваќи им во пресрет на потребите на граѓаните беше поставен камен темелникот на првата општинска детска градинка, која со работа почна следната година со згрижување на 64 деца на површина од околу 450 квадратни метри. Благодарејќи на динамичниот развој на Општината, како и зголемениот прираст на населението се јави потреба од зголемување на  капацитетот на градинката. По само 3 години постоење, во 2012 година дојде до првото проширување, по што градинката можеше да згрижува 230 дечиња. Денес, со изградбата на новиот дел во 2016 година се овозможија услови градинката „Гоце Делчев“ на вкупна површина од 1.700 метри квадратни да  згрижува 430 деца.

Досега, во своето 10 годишно постоење низ занималните на градинката „Гоце Делчев“ минаа околу 1000 дечиња.