Oд денеска официјално стартува и кампањата за изборите за пратеници

Oд денеска официјално стартува и кампањата за изборите за пратеници. Двете кампањи ќе се одвиваат паралелно во текот на следните четири дена, вклучувајќи го и денешниот, по што на 22 април настапува 48-часовниот молк за претседателските избори. И покрај молкот за претседателските, кампањата за парламентарните избори ќе продолжи и во текот на овие два дена – ситуација која претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, неодамна ја нарече уникатна и единствена досега во изборните циклуси.

Кампањата за изборите за пратеници ќе трае до 6 мај по што ќе започне дводневниот молк пред 8 мај - денот на одржување на парламентарните и вториот круг од претседателските избори.

Со низа настани и активности од денеска, па до крајот на кампањата на 6 мај, партиите и коалициите ќе ги претстават своите изборни програми и кандидати за пратеници кои ги номинираат во изборните единици.

На еден ден пред почетокот на кампањата, вчера во Собранието беше потпишан Кодексот за фер и демократски парламентарни избори. На чинот беа присутни претставници на повеќето политички партии и коалиции кои ќе учествуваат во изборната трка за место во законодавниот дом, но не сите ставија потпис на Кодексот. Отпорот главно дојде од помалите политички субјекти, а главната причина за ваквата нивна одлука, како што рекоа дел од нив, е неправедната распределба на средства од државниот буџет за изборен маркетинг на политичките партии.