Обвинителство: Откривме едно од лицата што го украдоа сефот од маркет на „Востаничка“

Обвинителството откри едно од лицата кои го ограбија маркетот што се наоѓа на „Востаничка“ во Скопје. Се работи за 23-годишен кој се сомничи за тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик. Тој заедно со уште три лица провалиле во маркет каде одзеле метален сеф во вредност од 12.000 денари, дневен промет во износ од 228.000 денари и цигари вредни  45.000 денари, или се во вкупна вредност од 285.000 денари.

Со возило пристигнале пред маркетот, со употреба на погоден алат – хебла, клешти и друго делувале врз влезната врата од маркетот, но не успеале да ја отворат. Еден од сторителите го стартувал возилото и удрил со задниот дел, кршејќи ги двете лизгачки врати. Потоа заедно со останатите осомничени ги демонтирале и ги поставиле покрај влезот од маркетот. Преку така направениот отвор сега осомничениот заедно со другите лица влегол во просторијата наменета за вработени, од каде го одзеле металниот сеф со дневен промет и цигарите, па заминале во непознат правец.

Бидејќи постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор на осомничениот. Полицијата работи на откривање на неговите соучесници.