Обвинителството поведе обвинение против родителите на Коста К., кој го изврши масакрот во белградското училиште „Рибникар“. Обвинение има и за вработените на стрелиштето, каде што доаѓал Коста со татко му и учел да пука. Од таму бараат затворски казни за родителите.
Во случајот што ја потресе Србија, покрај родителите на момчето убиец, за лажно сведочење се обвинети и сопственикот на стрелиштето и вработената на стрелиштето.
Обвинителството бара казна од 12 години за Владимир Кецмановиќ, две години и шест месеци за мајката и три години за работниците на стрелиштето.
Обвинителот изнесе повеќе детали за масакрот и за тоа што се случувало претходно. Како што рече Стефановиќ на прес-конференцијата, постои оправдано сомнение дека обвинетиот Владимир Кецмановиќ во периодот од една година пред трагедијат, го учел својот 13-годишен син да пука во цели во вид на концентрични кругови и силуети на луѓе, да ја полни рамката со муниција, како да стои и да дише при употреба на огнено оружје.
„Во три наврати го однел во стрелачкиот клуб ‘Партизан практично стрелање’ и еднаш на отворен простор во етноселото ‘Гостољубје’ во Мионица и покрај тоа што таквата активност и тренинзите не одговараат на возраста на син му“, рече Стефановиќ.
Исто така, се сомнева дека пријавениот постапил спротивно на одредбите од Законот за оружјето и муницијата и Правилникот за просторно-технички услови за безбедно чување на оружјето и муницијата.
Мајката на момчето, Милјана Кецмановиќ, е обвинета за кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи.
„Таа е обвинета затоа што неовластено поседувала муниција со оглед на тоа што во истрагата на еден од куршумите за пиштолот „чешка збројевка“ е пронајдена нејзина ДНК-трага… поточно на патронот што бил пронајден покрај вратата во училницата по историја“, рече главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство, Ненад Стефановиќ.