Новогодишните пакетчиња во фокусот на инспекциските служби за храна

Агенцијата за храна и ветеринарство во изминатиов период спроведува засилени контроли кај оепраторите со храна пред празниците. Проверуваат дали и колку се исполнети општите и посебните услови за безбедност на храната, означувањето и заштитата на потрошувачите од измама се вели во нивното соопштение

Во нивниот фокус е ставен акцент на новогодишните пакетчиња за деца при што се контролира рокот на употреба на производите што ги содржат, како и означувањето. Од она што е исконтролирано досега не се утврдени недостатоци од аспект на безбедноста кај оваа категорија производи.Кај некои оператори исклучок е означувањето на задолжителните информации, каде што недостигаат декларации на македонски јазик.

Од Агенцијата апелираат како одговорна институција за безбедноста на храната, граѓаните да бидат одговорни купувачи и храна да купуваат од регистрирани/одобрени објекти, кои се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната граѓаните може да ја пријават во Агенцијата лично, телефонски, на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22 или електронски на info@fva.gov.mk.