Новогодишна видео-честитка од Мицкоски: Ви ветувам дека со целата сила ќе се борам да биде подобро!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска упати новогодишна честитика до граѓаните. 

-Почитувани сограѓани, годината што заминува ни остави различни емоции. Ковид пандемијата, енергетската криза, економското уназадување, трагедиите во Тетово и Бугарија и неспособната и неодговорна власт предизвикаа тага и болка, голем револт, разочарување, неизвесност… Но и конечно освестување и одважување дека работите мора да ги промениме ние, самите. Заради нас, заради нашите семејства. 2021 беше година на големи предизвици, но и на големи промени. Промени кои ги донесовте – вие!, пишува тој. 

Мицкски во честитиката посакува успеси и среќа за секој еден човек, затоа што, како што вели, Македонија е за сите луѓе.

-Да ја подобриме екологијата, да ја развиваме инфраструктурата, да го унапредуваме образованието, спортот и културата. Да бидеме подобри луѓе, повеќе да се почитуваме и да создадеме поубава иднина за нашите деца.

-Драги пријатели, ви ветувам дека со целата сила ќе се борам да биде подобро. Искрено и од срце, како ваш пријател, сосед, сограѓанин ви посакувам најубави празнични денови. Топол дом исполнет со ведрина и оптимизам. И многу љубов и насмевки со вашите блиски.

Ви посакувам среќна, весела и успешна 2022 година, порача лидерот на најголемата опозициска партија.