Нова станбена населба ќе никне во Влае, дел од жителите негодуваат

Нова станбена населба ќе никне на празниот простор во Влае во близина на населбата Александрија.

За изградбата на населбата ќе се пробиваат и прошируваат улици, за што ќе „настрадаат“ дел од приватните имоти. 

На јавната презентација која се одржа на почетокот на месецов беше кажано дека мора да се пробијат и прошируваат улиците за да се обезбеди пристап на новите жители на зградите. .

-Жителите кои дознаа дека дел од нивните дворови ќе биде наменет за улици кои ќе водат до комплексите на згради, слични на тие отспротива, во Александрија, но значително повисоки треба да поднесат анкетни листови, порачаа денеска од иницијативата „Борба за Влае“. 

-Овој ДУП, ако се изгласа во оваа форма ќе донесе низа проблеми. Наше, на жителите, е да побараме негова промена, а на советниците да не го гласаат ако Општината и Градоначалникот решат да не нѐ послушаат, порачаа оттаму. 

Од иницијативата и претходно алармираа за спорните ДУП-ови.

-Греота е да се редат наполитанки, да се планираат минимални тротоари, да не се планираат велосипедски патеки, да не се планираат дрвореди. Во 2022 година! Греота е на постоечките куќи да им се одзема од дворот за улицата, а на некои со стопанските објекти да им се додава државно земјиште за да градат зградишта со кои ќе го спречат главниот ветер кој доаѓа во Скопје од северозапад.