Не сакаме зграда монструм во населбата, жителите на Влае поднесоа 527 анкетни листови против новиот ДУП

Жителите на населбата Влае 2 поднесоа 527 анкетни листови со забелешки за новиот Детален урбанистички план со кој се бетонизира населбата. Со планот кој го турка Општина Карпош се предвидува огромна 12-катница на местото на поранешно кино Влае, која ќе се гради и на државно земјиште. Зградата ќе се наоѓа и на сегашната улица Есперанто, која се преместува односно ќе се пробива веднаш до основното училиште Димо Хаџи Димов.

Од "Борба за Влае" обвинуваат дека Општина Карпош им прави опструкции со тоа што не дозволува да се поднесат анкетни листови во локалната Месна заедница, како и со тоа што ја ограничија анкетата на 5 работни денови.

"Од оваа презентација сфативме дека Општина Карпош е спремна да прави опструкции за граѓаните да не можат да ги искажат своите мислења и барања. Наместо да биде отворена и транспарентна таа овој пат одлучи да не дозволува да се поднесат анкетни листови во локалната Месна заедница и да ја ограничи анкетата на само 5 работни денови.Но и во овие 5 работни денови ние покажавме дека сме спремни да се бориме за она што е наше.

Лани во 30 денови поднесовме вкупно 770 анкетни, а според последниот архивски број што ни го испратија, овој пат, во 5 работни денови, поднесени се дури 527 ‼️ анкетни листови. А дополнително овој пат имаме помалку забелешки и помалку пополнети листови бидејќи општината прифати дел од барањата. Плус општината одби многу жители на Влае 1 и околните населби кои дојдоа да поднесат листови од нивно име бидејќи и тие се засегнати од развојот на Влае" велат од таму.

Но за жал Општина Карпош не ги прифати главните две барања:

1. Не сакаме нова зграда монструм во нашата населба, а уште помалку на државно земјиште

2. Објектите од јавен интерес да бидат без 40% комерцијална намена

Ако Општина Карпош сака да го донесе ДУП-от за жителите, како што тврди, нека ги направи овие корекции, советниците веднаш ќе го гласаат, а влаевчаните веднаш ќе изразат поддршка. #БорбатаПродолжува, додаваат од "Борба за Влае".